По крај како од бајките на минатата година и почетокот на оваа година, кога вредноста на акциите достигнуваше астрономски висини, ставајќи ја Tesla дури и пред германскиот концерн Volkswagen, сега стигнуваат вести кои се целосно спротивни.

Компанијата со седиште во Калифорнија објави бројки за продажбата кои ја опишуваат побарувачката на само четири пазари. Покрај матичниот, извештаите се однесуваат и на Кина, Холандија и Норвешка. Како и да е, тие воопшто не се розови, барем не оние кои ја илустрираат 2020 година, особено оние за европските земји за кои има достапни податоци.

Bloomberg објави дека бројот на ново регистрирани Tesla автомобили во Норвешка во февруари бил само 83, а колку е тоа лоша бројка доволно е да се спомене бројката за февруари минатата година -1.016. Што се однесува до Холандија, побарувачката опаднала за драматични 68% односно испорачани биле само 155 единици.

Севкупно, во првите два месеци од оваа година, Tesla бележи пад на продажбата од 77% и 42%, соодветно, во Норвешка и Холандија. Бројките се уште позначајни ако се има во предвид тоа што продажбата на Model 3, во првите недели од 2019 година, воопшто е не беше започната со полна пареа.

Bloomberg наведува неколку причини што довеле до несакани импликации врз резултатите од продажбата на Tesla. Во Норвешка, нивото на прифаќање на електричните возила беше најсилно во Европа, но сега пазарот полека покажува знаци на заситеност. Од друга страна, во Холандија, на крајот од 2019 година беше сменета политиката на државно стимулирање за набавка на електрични возила, што очигледно се одразило на интензитетот на побарувачката. Другите пазари поминале низ слична приказна во споредливиот период, односно веднаш по укинувањето на субвенциите.

За Tesla овие два европски пазара се најзначајни затоа што на нив и интересот е најголем. Додека Tesla, во Холандија, во 2019 година продала 30.000 единици, 19.000 единици во Норвешка, во Германија во истиот период до клиенти се доставени само 11.000 автомобили.

Кога на сето ова погоре ќе се додаде и епидемијата на коронавирус, лошата вест за Американците е целосно заокружена.