WhatsApp официјално објави дека апликацијата на компанијата за Android и iOS конечно добива темен режим. Ажурирањето ќе пристигне до корисниците на двете платформи во следните неколку дена.
Популарниот сервис за размена на пораки го тестира темниот режим веќе неколку месеци, а во прашање е една од најбараните функции од корисниците на услугата, која е во сопственост на Facebook.
Темниот мод за WhatsApp е дизајниран за да се намали заморувањето на очите во услови на ниско осветлување, како и да ги спречи незгодните моменти кога телефонот ќе ја осветли собата во која се наоѓате додека е темнина.
Режимот се фокусира на читливоста, така што избраната палета на бои го минимизира заморувањето на очите и се фокусира на нијанси, кои се приближни до стандардните во Android и iOS системите.
На уредите на Apple, темниот режим е достапен само на iOS 13 верзијата. На Android, доколку го имате Android 10 и го подесите системот на Dark mode, WhatsApp ќе ги следи овие подесувања. За Android 9 Pie и претходните верзии на платформата, можно е рачно да се овозможи темниот режим само за WhatsApp во поставките.