Истражувачи од францускиот Национален институт за здравје и медицински истражувања во Бордо израснаа конци од клетки од човечка кожа, кои ги нарекуваат „човечки текстил“, и велат дека можат да се користат од страна на хирурзите за затворање рани или за трансплантација на кожа.
– Овој човечки текстил нуди уникатно ниво на биокомпатибилност и претставува нова генерација на целосно биолошки производи проектирани како ткива – истакнаа истражувачите во трудот објавен во списанието „Акта биоматеријалија“.
Клучната предност на морничавиот конец е тоа што за разлика од вообичаените синтетички хируршки материјали, тој не предизвикува имунолошки одговор кој може да го искомплицира процесот на заздравување.
– Можеме да шиеме торбички, да правиме тунелчиња, залистоци и перфорирани мембрани. Со конецот секој текстилен приод е изводлив: плетење, ткаење, па дури и хеклање – истакна водечкиот истражувач Николас Лоро.
Досега истражувачите го користеа специјалниот конец за да затворат рани на глушец и да му помогнат целосно да заздрави за две недели. Тие дури и создале кожен имплант, користејќи разбој за да затворат артерија на овца и да го сопрат течењето.
Оваа работа се базира на претходно истражување направено од истиот тим, кој направи биоматеријал и го свитка во вештачки крвни садови.