Јапонскиот милијардер Јусаку Маезава се откажа од кампањата за потрага по партнерка со која ќе тргне во авантура на патување околу Месечината со идната ракета на компанијата „Спејс X“.

Тој ги наведе личните причини и мешаните чувства како причина за откажувањето.

Маезава (44) на почетокот на јануари објави дека бара слободна жена на возраст над 20 години која би сакала да стане негова партнерка во реалното шоу што ќе се емитува на телевизијата „Абема“.

На конкурсот се пријавиле речиси 28.000 жени.

Тој рече дека длабоко жали за одлуката за повлекување и им се извини на кандидатките и на телевизијата на „Твитер“, каде што има најпосетена сметка во Јапонија со над седум милиони следбеници, пренесува „Ројтерс“.

Маезава порано им вети на своите следбеници на „Твитер“ дека ќе даде девет милиони долари за, како што рече, „социјален експеримент“ за да види дали парите ќе ја зголемат нивната среќа.

Основачот на најголемата јапонска онлајн продавница „Зозотаун“ има богатство од 2 милијарди долари, пренесува „Форбс“.