Јужнокорејската компанија Samsung се очекува својот втор флексибилен уред да го претстави за време на претстојниот Unpacked настан на 11. февруари, заедно со смартфоните од новата Galaxy S20 серија. Овој телефон ќе го носи името Galaxy Z Flip и ќе има преклопен (clamshell) дизајн и спецификации од средниот сегмент.
Меѓутоа, дојавувачот Max Weinbach истакнува дека Samsung ќе објави и вистински наследник на Galaxy Fold моделот, кој ќе има премиум хардвер и ќе пристигне во текот на вториот квартал од оваа година.
Според сознанијата на Weinbach, Galaxy Fold 2 би требало да има поголем главен екран, чија дијагонала би изнесувала 8 инчи. Наследникот на премиерниот Fold би требало да користи ултра-тенок слој на стакло преку дисплеј панелот. Со поголемиот екран ќе се нуди и паметно пенкалце, па Galaxy Fold 2 би можел да биде прв телефон на Samsung, покрај Galaxy Note, со вградена S Pen поддршка. Телефонот ќе го покренува Snapdragon 865 процесор, спарен со X55 5G модемот.
Кога се во прашање камерите, Galaxy Fold 2 би можел да има 108MP главна камера, но нема информации за тоа колку вкупно камери би можел да има овој флексибилен уред. Актуелниот Galaxy Fold има вкупно шест камери.