Поранешниот астронаут Скот Кели четири пати престојуваше на Меѓународната вселенска станица, каде мина рекордно време во вселената. Тој воедно е и дел од првата студија во која се изучувани последиците од престој во вселената на човечкиот организам.
Резултатите не се оптимистични, па се поставува прашањето како тогаш луѓето, кои ќе бидат дел од експедицијата на Марс, ќе го издржат патувањето до планетата. Патувањето би траело 6 месеци плус 2 до 3 години престојување на таа планета.
Во студијата учествувал и неговиот брат близнак. Додека Скот престојуваше во вселената една година, неговиот брат Марк Кели остана на Земјата. Во текот на мисијата, 10 научници го следеа нивното здравје. Земени се примероци од крв, урина и од измет, пред и по мисијата. Дел од примероците на Скот се сочувани, а дел се испратени на Земјата.
„Се вратив помлад и позгоден од мојот брат“, се пошегува тогаш Скот.
И покрај здравствените проблеми со кои се соочил во орбитата и ризикот на така долг пат, кога го прашале дали би заминал на Марс, тој воопшто не се двоумел.
„Да, би заминал на Марс. Мислам дека ќе мора да одиме на Марс од повеќе причини. Мислам дека во живот нè одржува како вид тоа што секогаш се обидуваме да ги прошириме нашите знаења и видици“, вели Скот.
Во текот на престојот во вселената човечките коски и мускули брзо ја губат масата, а организмот е изложен на поголема радијација. Престојувањето на Меѓународната вселенска станица трае најмногу 6 месеци, но сега човештвото треба да направи џиновски чекор напред и да отиде длабоко во вселената, кон Марс.
Патувањето кон Црвената планета би можело да биде најопасниот потег на следните генерации. Телото ќе доживее голем стрес, па се поставува прашањето дали човечкиот организам воопшто може да го поднесе тоа, да преживее и успешно да се врати на Земјата?
Извор: Klix.ba