Протокот на податоци достигнува сѐ повисоки рекорди. Минатата недела новинската агенција ДПА пренесе дека на германските мобилни мрежи во текот на минатата година протокот на податоци бил поголем од кога било.

Операторот „Телефоника“ соопшти дека во неговата мрежа „О2“ првпат е надмината границата од еден ексабајт. Кога еден човек би потрошил толкава количина податоци, како што пишува агенцијата, би морал да слуша музика директно на интернет без прекин 1,5 милион години.

Една година пред тоа потрошувачката на податоци во мрежата „О2“ била 668 милиони гигабајти.

Бројките на „Телефоника“ покажуваат и колку се променило однесувањето на потрошувачите. Додека во 2017 година просечен корисник на таа мрежа трошел 3,8 гигабајти месечно, една година подоцна тоа веќе било 4,4 гигабајти, а во 2019 дури 6 гигабајти месечно.

Нова димензија – нов збор

Новите димензии што продираат во комуникациската техника го прошируваат и речникот на просечниот човек, кој ретко има работа со бројки што имаат повеќе од шест нули.

Еден ексабајт (EB) има дури 18 нули! Тој одговара на количина од милион терабајти (TB).

Колкав е цивилизацискиот напредок што го постигнало германското човештвото во 2019 година се гледа во разликата меѓу терабајтот (10 на 12 бајти) и ексабајтот (10 на 18 бајти) – петабајтот (10 на 15 бајти) едноставно е изоставен како единица мерка и информатичката технологија на 2019 година го нарекува „прескокната величина“.

Ни другите не заостануваат (многу)

Конкурентите „Телеком“ и „Водафон“ пренесуваат дека не постигнале толкав проток како „О2“. „Телеком“ со 900 милиони гигабајти благо заостанува зад минхенскиот конкурент, а „Водафон“ со околу 750 милиони гигабајти во протокот на мобилната мрежа постигна онолку колку што, кога ќе се пресмета, еден човек би можел да постигне кога на својот паметен телефон во директен пренос на интернет 90.000 години непрестајно би гледал серии. Протокот на податоци преку „Водафон“ во текот на 2019 година се зголемил за околу 40 отсто.

Француската непрофитна организација „Шифт проџект“ истражувала колку енергија е потребна за директен пренос на интернет и покажа дека тоа е многу потценета тема.

Потрошувачката на енергијата расте бидејќи денес секој може да го носи својот компјутер со себе и трајно да го користи.

Истовремено одговарачката инфраструктура е сѐ „поневидлива“. А работата во „облак“ уште повеќе би ја „заматила“ физичката реалност на некои дигитални услужни дејности.

Во статијата на ДПА се заклучува дека доколку потрошувачката на податоци продолжи да се зголемува и во текот на наредните години, за пет години 8 отсто од емисиите што се штетни за климата би можеле да одат на сметка на нашата потрошувачка на податоци.

Извор: B92.net