Компанијата Боинг извести дека вчера успешно е завршен пробнот лет на нивниот нов модел на авион „боинг 777Х“, најголемиот двомоторен авион во светот.

Авионот кој е поголема и поефикасна верзија на успешниот 777 муни-џамбо, полета од комерцијалната база во околината на Сиетл вчера во 10:09 часот по локално време, а слета во 14 часот. Силните ветришта ја примораа компанијата двапати да го одложи пробниот лет неделава.

Понатамошните тестирања ќе траат со месеци пред леталото да стане оперативно во 2021 година.

Боинг претходно објави дека неговиот досега најголем двомоторец, дизајниран за просечно 406 луѓе, првпат ќе полета на почетокот на оваа година, а првата испорака се чека следната година. првично беше предвидено првата испорака да се изврши кон средината на оваа година, што не е возможно поради проблемите во развојот.

77 метри долгиот авион е значително поголем од својот претходник 777-300ЕР и авионот ербас А340-600. Дури е и малку подолг од досегашниот рекордер 747-8, последната верзија на авионот „Queen of the Skies“.

Благодарение на својата должина, авионот е дизајниран така што во него може да се сместат меѓу 400 и 425 патници во две класи. Бројот на седиштата ќе варира во зависност од барањата на авио-компаниите.