Научници успеаја првпат во историјата да снимат видео со поврзување и раздвојување атоми, процес што се одвива на скала што е 500.000 пати помала од дијаметарот на човечкото влакно.
Користејќи напредни микроскопски методи, физичарите и хемичарите од Универзитетот „Улм“ во Германија и Универзитетот „Нотингем“ во Велика Британија беа во можност да го регистрираат поврзувањето, а потоа и раздвојувањето два атома со големина помеѓу 0,1 и 0,3 нанометри, пренесе „Скај њуз“.
За да го постигнат ова, тие користеле посебен микроскоп преку кој со високоенергетски тенок сноп од електрони може да се набљудуваат многу тенки примероци.
„Заробивме неколку атоми рениум (Re), кои се здружија и формираа Re2. Бидејќи раниумот има висок атомски број, поедноставно беше да го видиме со нашиот микроскоп за разлика од некои полесни елементи, па секој атом од овој метал можевме да го регистрираме како темна точка“, објасни хемичарот Андреј Хлобјостов од Универзитетот „Нотингем“.
Инаку, рениумот е еден од најретките елементи во природата. Станува збор за многу цврст метал во сребрено-бела боја, кој има голема густина и висока точка на топење. Неговиот атомски број е 75.
Во видеото може да се види како двата атома на рениумот се спојуваат еден со друг, а потоа се движат и вибрираат пред да се разделат и да ја прекинат врската.