Веќе на сите им се познати санкциите кои САД ги наметна на кинеската компанија Huawei, како и дека Вашингтон ги притиска сојузниците да го исклучат најголемиот снабдувач на телекомуникациска опрема во светот од своите 5G мрежи, велејќи дека компанијата претставува закана за безбедноста поради шпионажа. Меѓутоа, министерот за внатрешни работи на Германија, Хорст Зехофер, изјави дека неговата земја сè уште не може да изгради 5G мобилна мрежа без Huawei, проблем што предизвикува тензии помеѓу САД и нивните сојузници.
Зехофер изјави дека е „против отстранување на производи од пазарот, само затоа што постои можност нешто да се случи“. Истакна дека Германија мора да биде заштитена од шпионажа и саботажа, но и оцени дека исклучувањето на Huawei може да ја одложи изградбата на мрежата за пет до десет години. „Не гледам дека можеме да воспоставиме 5G мрежа во Германија во краток рок без вклучување на Huawei“, изјави Зехофер за Frankfurter Allgemeine Zeitung.
Германија одлучи да не забрани на Huawei да се натпреварува со конкурсите за изградба на 5G мрежа, но постави строги стандарди кои би можеле да доведат до тоа да не може да учествува кинеската фирма.
Извор: PC Press.rs