Компанијата HP го најави својот најнов конвертибилен преносен компјутер, кој е наменет за бизнис и едукативниот пазар – ProBook x360 435 G7. Лаптопот пристигнува со новите 7nm Ryzen 4000 процесори на AMD, кои имплементираат Radeon Vega графика.
Покрај перформансите, дополнителни главни карактеристики на кои се фокусира HP со оваа линија лаптопи се издржливоста и сигурноста. ProBook x360 435 помина 19 MIL-STD-810G тестови на издржливост, а HP истакнува дека тоа вклучува и тестови на падови/испуштање од височина. Тастатурата и горната рамка на лаптопот се креирани од анодизиран алуминиум.
Кога е сигурноста во прашање, она е веќе долго време во фокусот на компанијата HP, кога се во прашање ProBook и EliteBook линиите. Тоа ја вклучува и функцијата наречена Sure Start, која му овозможува на BIOS-от самостојно да се поправа.
Останатите спецификации на лаптопот вклучуваат 13,3-инчен 1080p дисплеј, до 16GB DDR4-3200 SDRAM, до 512GB Gen3x4 NVMe M.2 SSD. Тука се и два USB 3.1 Gen 1 Type-A портови, еден USB 3.1 Gen 1 Type-C порт за полнење и еден HDMI 1.4b порт, како и 3.5mm приклучок.
HP ProBook x360 435 G7 на пазарот ќе се најде од мај, а цената ќе биде објавена подоцна.
Поврзани артикли