Huawei тивко го објави новиот телефон, под името Huawei P30 Lite New Edition. Во прашање е освежена верзија на P30 Lite моделот, кој е претставен на почетокот на 2019. година.
Однадвор, смартфонот изгледа исто како моделот од минатата година, а пристигнува и во истите бои: Midnight Black, Pearl White, Peacock Blue и Breathing Crystal.
Единствената вистинска разлика помеѓу New Edition и постариот модел се конфигурациите за RAM и просторот за складирање. Најчестата варијанта за P30 Lite телефонот имаше само 4GB RAM, но ова е зголемено на 6GB кај New Edition верзијата. Исто така, оригиналниот P30 Lite имаше максимални 128GB простор за складирање, додека кај новиот модел максимумот е 256 GB.
Покрај овие измени, остатокот на карактеристиките на Huawei P30 Lite New Edition телефонот се исти како кај моделот објавен во 2019. година. Ова го вклучува дизајнот, процесорот, резолуцијата на дисплејот, конфигурацијата на камерите и друго.
Она што веројатно за многумина е најбитно е дека P30 Lite New Edition пристигнува со поддршка за Google апликациите. Телефонот од денеска е достапен во Велика Британија по цена од 299 фунти, а наскоро се очекува и на другите пазари.