Диего е татко на 40 проценти од популацијата на желки

Желката Диего, чиј активен сексуален живот го спасил цел вид од изумирање, се повлекол од „плејбојскиот“ начин на живот и се вратил во дивината по исполнување на мисијата.

Неговото несопирливо либидо е главната причина за преживување на неговите другари, џиновските желки на Еспањола, дел од Галапагос, откако бил испорачан од зоолошката градина Сан Диего во рамки на програмата за одгледување.

Кога започнала кампањата, на островот имало само 2 мажјаци и 12 женки од неговиот вид, пренесува CNN. Меѓутоа, Диего имал толку секс што помогнал популацијата да порасне на 2.000 единки.

Службата на националниот парк Галапагос верува дека 100-годишната желка е глава на семејството на околу 40 отсто од популацијата.

Во програмата, чија цел била зголемување на популацијата на островот, учествувале вкупно 15 желки, но ниту една не играла толку голема улога како Диего.

„Околу 1.800 желки се вратени во Еспањола и сега со природната репродукција имаме околу 2.000 желки“, изјавил Џорџ Карион, директор на паркот.

Островите Галапагос се една од најдобрите светски дестинации за набљудување на дивите животни, а ги посетил и Чарлс Дарвин додека работел на теоријата на еволуција.