На годинашниот CES саем во Лас Вегас еден од изумите кој привлече големо внимание е „обратната микробранова печка” наречена Juno која може да излади пиво, шише вино или лименка газиран пијалак за многу кратко време.
Овој специфичен уред е дизајниран од страна на калифорниската компанија “Matrix Industries” чија специјалност е производство на паметни часовници со топлинско напојување.
Ваквиот “изладувач” користи термоелектричен мотор за ладење кој ја струи водата околу пијалакот со голема брзина, со што се намалува неговата температура и истиот е спремен за консумирање штом излезе од “обратната микробранова печка”. Претставен е прототип кој може да излади само еден пијалак, но креаторите планираат да го оспособат за комерцијална употреба и тоа за многу брзо време.
Компанијата на јавната страница “Indiegogo” го објавила својот изум во претпродажба, а по само два дена од активација на кампањата заработила над 100 илјади фунти. На платформата биле продадени десетина уреди, а од “Matrix Industries” најавиле дека ќе започнат со испораката веќе во август оваа година, доколку сè оди според планираното.
Цената на “Juno” се движи од 153 фунти па сè до 7600 фунти за трговците кои сакаат да купат до 50 “Juno” уреди одеднаш.