Кога на неврохирургот Сузан Мекинон ѝ била потребна помош при една операција, таа посегнала по прирачник по анатомија од средината на 20 век. Благодарение на сложените рачно цртани илустрации, кои го покажуваат човековото тело во слоеви, Мекинон од Универзитетот „Вашингтон“ во Сент Луис успеала да ја заврши операцијата.

Книгата може да се купи на интернет

Мекинон ја користела топографската анатомија на човекот на Едуард Пернкорпф, која се смета за најдобар илустриран атлас од подрачјето на анатомијата. Книгата е побогата и поживописна од сите други такви атласи.

Кожата, мускулите, тетивите, нервите, органите и коските се прикажани до најситните можни детали. Оваа книга, која често се нарекува и Пернкорпфов атлас, веќе не е во печат и ја има само во неколку примероци кои се продаваат за неколку илјади евра преку интернет.

Сепак, покрај високата цена, ретко кој со гордост би ја изложил на својата полица со книги. Причината е тоа што книгата е резултат на нацистички експерименти изведувани на тела на стотина убиени лица. Имено, исечканите и сецирани тела на нацистичките жртви се прикажани на илјадниците страници од овој атлас.

Етички прашања

Научниците и ден-денес спорат околу употребата на овој атлас. Мекинон вели дека ѝ е непријатно поради целата приказна што стои зад оваа книга, но не би можела да работи без неа.

Рабинот Џозеф Полак, професор од полето на здравствените права, кој го преживеал холокаустот, смета дека книгата е морална енигма бидејќи е изведена од вистинско зло, но може да се користи во служба на доброто.

Кој е Едуард Пернкопф?

Книгата е резултат на 20-годишната работа на нацистот и лекар Едуард Пернкопф, кој бил успешен благодарение на поддршката што ѝ ја дал на партијата на Адолф Хитлер. Колегите го опишувале како жесток национал-социјалист, кој од 1938 година носел нацистичка униформа и работел апсолутно секој ден.

Кога станал декан на медицинскиот факултет на Универзитетот во Виена, тој ги отпуштил сите Евреи, вклучувајќи и тројца нобеловци. Во 1939 година со нов закон на Третиот Рајх се осигурало телата на сите погубени заробеници веднаш да се испратат во најблискиот анатомски оддел за истражувања и подучувања.

Во тој период Пернкопф работел 18 часа на ден, сечејќи лешеви, додека уметници ги сликале телата. Во некои моменти Институтот за анатомија бил толку полн со тела, што погубувањата биле одложувани.

Илустрациите ги прикажуваат телата на нацистичките жртви

Сабине Хидебандт од „Харвард“ вели дека барем половина од вкупно 800 слики во атласот прикажуваат сецирани тела на политички затвореници. Во книгата се и тела на хомосексуалци, Роми, политички дисиденти и Евреи.

Во првото издание на атласот, објавено во 1937 година, потпишани се и илустраторите Ерих Лепир и Карл Ендтресер и на него има и нацистички ознаки. Дури и за изданието од 1964 година биле задржани оригиналните потписи, вклучувајќи ги и споменатите нацистички симболи.

Во подоцнежните изданија биле исфрлени нацистичките ознаки. Илјадници примероци од овој атлас се продадени низ светот, а е преведен на пет јазици. Предговорите и воведите, во разните изданија, овие книги ги опишуваат како сликовно импресивни цртежи и извонредни уметнички дела, истовремено не споменувајќи го крвавото минато.

Вистината се дознала дури во 90-тите години

Дури во 90-тите години од 20 век студентите и научниците почнале да поставуваат прашања кои се луѓето од атласот. По откривањето на бруталното минато на книгата, во 1994 година било прекинато издавањето. Од Кралскиот колеџ на хирурзи велат дека атласот не се користи во Велика Британија, освен што библиотеките го чуваат за историски цели.

Но, неодамнешно истражување на неврохирурзите и употребата на оваа книга покажало дека 59 отсто од неврохирурзите знаат за овој атлас, додека 13 отсто признале дека го користат. Од анкетираните корисници на книгата дури 69 отсто рекле дека користењето на оваа книга не им создава непријатност, 15 отсто се чувствуваат непријатно, додека 17 отсто биле неодлучни.

Мекинон вели дека книгата е особено корисна за сложени операции затоа што ѝ помага да уочи кои од многуте тенки нерви што минуваат низ нашето тело потенцијално предизвикуваат болка.

– Кога дознав за лошото и страшно потекло на овој атлас, почнав да го чувам заклучен во орманот во мојата работна соба – вели таа.

Дали е етички да се користи оваа книга?

Минатата година рабинот Полак и професорот по психијатрија Мајкл Гродин изготвиле своевиден научен одговор за моралните дилеми за употребата на оваа книга, односно одговориле на прашањето дали е етички да се користи атласот. Тие се послужиле со искуството на Мекинон.

Заклучиле дека еврејските власти би дозволиле употреба на сликите од атласот за спасување  човечки животи под услов да е позната историјата на книгата и така на жртвите да им се оддаде дел од почитта што ја заслужуваат.

Полак додава дека Мекинон побарала совет во врска со употребата на оваа книга и дека тој ѝ рекол дека атласот може да се користи за добри цели.

Пернкопф никогаш не бил обвинет

Пернкопф бил фатен по војната и отпуштен од универзитетот. Тој минал три години во сојузнички работен логор, но никогаш не бил обвинет за ниедно злосторство.

По пуштањето на слобода се вратил на универзитетот и продолжил со работа на атласот, издавајќи трето издание во 1952 година. Починал во 1955 година, непосредно пред објавувањето на четвртото издание. Повеќе од 60 години подоцна атласот сè уште е еден од најдобрите извори за информации за анатомски и хируршки работи.

Поинакви мислења

Џонатан Ајвс, биоетичар од Универзитетот во Бристол, се согласува дека атласот е неверојатно детален, но додава дека е озлогласен.

– Ако го користиме и употребуваме за добро, некако во сето тоа сме соучесници – вели тој.

За Мекинон, атласот е средство со кое работи, иако има такво страшно минато.

Извор: Index.hr