Повеќе од 905.000 луѓе починале од Ковид-19 во САД, 57 проценти повеќе од официјалниот број, утврдиле во четвртокот научниците од Институтот за здравствени пресметки и процени при Универзитетот во Вашингтон. Тоа е повеќе од било која друга земја.

Официјалната американска бројка е околу 580.000, според статистиката на Универзитетот Џон Хопкинс.

Во светот, според пресметките на американските научници, има околу 7 милиони починати, што е двојно повеќе од официјалните 3,24 милиони, колку што бележи Универзитетот Џон Хопкинс.

Научниците ги проучувале отстапките во смртноста меѓу март 2020-та до мај 2021-ва година, споредувајќи го тоа што нормално би се случило во година без пандемија и потоа ги земале во предвид факторите поврзани со пандемијата.

Добиле бројки кои ја одразуваат исклучиво смртта од SARS-CoV-2, вирусот кој го предизвикува Ковид-19.

“Колку и да се чини страшна пандемијата, оваа анализа покажува дека реалниот број е значително полош. Разбирањето на реалниот број на смртни случаи од ковид-19 не само што ни помага да ја увидиме големината на оваа глобална криза, туку дава и драгоцени информации за креаторите на политика во развојот на плановите за одговор и закрепнување”, рекол директорот на Институтот др. Крис Мареј во изјавата која ја следела објавата на резултатите.

На прес-конференцијата во четвртокот тој нагласил дека пропустите во евидентирањето на реалниот број не се направени намерно.

“Воглавно тие бројки ненамерно исчезнале бидејќи здравствените состави се тешко погодени. Исто така гледаме дека посебно мал број на смртни случаи се пријавени во декември, кога зимскиот бран почна да се развива, а празниците значеа дека системите за известување не функционираат во полна мера”, рекол Мареј.

Вкупниот број во неколку други земји паднал за најмалку 400.000 рекле научниците. Индија, каде има реални 654.395 починати во однос на пријавените 221.181, посебно се истакнува со оглед на тамошната криза.

Иако некои го поздравиле истражувањето како прецизен показател на реалните размери на пандемијата, други во него виделе потенцијално претерување.

“Мислам дека пораката на ова е гласна, но апсолутните бројки се дефинитивно помали од бројни причини”, рекол епидемиолог од Харвардскиот универзитет.

“Нивната проценка е огромна и е спротивна со нашите истражувања и истражувањата на другите”, рекол д-р Стивен Волф, кој водел друго истражување.

“Во нивниот модел се вградени и многу претпоставки”, наведува тој.

Мареј смета дека ова истражување во најмала рака укажува на трајното и најверојатно потценето влијание на оваа пандемија.

“Анализата само покажува колку било тешко во пандемијата прецизно да се следи смртта и преносот на вирусот. Фокусирајќи се на вкупната стапка на смртност од Ковид, мислам дека разоткриваме колку е поголемо влијанието на вирусот, и колкаво би можело да биде во иднина”, рекол тој.