Пред околу две недели се појавија рендери од Samsung Galaxy Note10 Lite телефонот, кои го открија неговиот дизајн. Сега имаме фотографии кои уредот го прикажуваат во живо и ги потврдуваат претходно протечените информации за дизајнот.
Galaxy Note10 Lite ќе има punch-hole дисплеј, со отвор во центарот на горниот дел, како и три камери на задната страна. Сензорот за отпечатоци од прсти не е видлив на задната страна на уредот, па се верува дека е сместен под екранот. Телефонот ќе има копчиња за вклучување и звук од десната страна на рамката, а уредот ќе пристигне со S-Pen со Bluetooth 5.1 поддршка.
Неодамна протечените спецификации откриваат дека Galaxy Note10 Lite ќе користи Exynos 9810 чипсет, 6GB RAM и 128GB простор за складирање. На задната страна се очекуваат 12MP главна камера, 12MP телефото и 12MP ултраширока камера, додека од предната страна е сместен 32MP селфи сензор.
Кога е цената во прашање, се сугерира дека Samsung Galaxy Note10 Lite ќе чини 610 евра кога ќе се најде во продажба.