На вештачкото езеро Тул, на швајцарските Алпи, кое е формирано со изградбата на хидроцентрала, од неодамна се генерира чиста енергија со помош на пловечки соларни панели. Од иновативната електрана, сместена на надморска височина од 1.800 метри, се очекува годишно производство од околу 800.000 kWh електрична енергија. Соларниот парк зазема површина од 2.240 квадратни метри. Конструкцијата и технологијата се така осмислени и изведени, со цел да издржат ветрови со брзина до 120 km/h, како и дебелина на ледот од 60 cm.
Степенот на ефикасност е унапреден со инсталирање на бифацијални панели и т.н албедо ефект. Ултравиолетовите зраци со појак интензитет и нивното одбивање од рефлективната површина под снег, обезбедуваат и до 50% повеќе енергија отколку во слична постројка на пониска надморска височина и во други временски услови. Зад овој проект стојат компаниите Romande energie и ABB, со поддршка од Швајцарската федерална канцеларија за енергетика.