Јужнокорејската компанија Samsung најави дека во текот на претстојниот саем CES 2020 во Лас Вегас ќе ја прикаже својата експериментална виртуелна тастатура, која во текот на работата се потпира на предната камера на телефонот на корисникот, како и на AI, за да се овозможи пишување без допирање на смартфонот.
Ова значи дека предната камера на телефонот ќе ги детектира рацете и прстите на корисникот и ќе проба да одреди што се пишува во зависност од положбата на прстите.
Според наводите на Samsung, SelfieType е виртуелна тастатура која ја користи предната селфи камера.
„SelfieType AI енџинот ги анализира движењата на прстите преку предната камера и ги конвертира во влез преку QWERTY тастатура. SelfieType не бара дополнителен хардвер и многу е прилагодлив на различните мобилни уреди, како што се телефоните, таблетите и лаптопите“, според наводите на компанијата.
Ова е дел од C-Lab Inside програмата на Samsung, која претставува проекти кои ги креираат вработените во јужнокорејската компанија. Експериментите, како SelfieType, ќе бидат прикажани во рамките на CES 2020 саемот, а дали ќе стане комерцијален останува да се види.