Голем број луѓе во југоисточна Азија го набљудуваа прстенестото затемнување на Сонцето, познато и како огнен прстен.
Ова затемнување, за време на кое е видлив тенок надворешен прстен од Сонцето, може да се види од Индија и Пакистан до Тајланд и Индонезија, објави АП.
Како што пренесуваат светските агенции, до овој феномен доаѓа бидејќи Месечината не е доволно блиску до Земјата за целосно да го прикрие Сонцето.
Властите во Индонезија обезбедија телескопи и стотици специјални очила за заштита на очите на гледачите.
Илјадници луѓе гледаа кон небото и аплаудираа додека Сонцето повеќе од две минути изгледаше како мрачен круг, а стотици луѓе беа на молитви во блиските џамии.
Претходното прстенесто затемнување на Сонцето беше во 2017 година и исто така можеше да се види и во Индонезија.