Францускиот и италијанскиот министер за економија го поздравија спојувањето на Peugeot и Fiat Chrysler, идниот „европски шампион“ во автомобилската индустрија.

Двајцата министри предупредија дека треба да се внимава да се одржат работните места на двете компании.

– Договорот е добра вест за Франција, за Европа и за нашата автомобилска индустрија, претставува важна фаза кон создавање европски шампион, рече францускиот министер Бруно Ле мар.

Неговиот италијански колега Роберто Гвалтиери преку соопштение истакна дека италијанската Влада позитивно гледа на тоа спојување и дека ќе продолжи да внимава на влијанието на новите групи за развој, инвестиции и работни места.

Двајцата партнери веруваат дека нивното соединување ќе донесе зголемен инвестициски капацитет „за да се задоволат предизвиците на новата ера на одржлива мобилност“ и „дека ќе создадат синергија проценета на околу 3,7 милијарди евра годишно без да се затворат фабриките поврзани со таа трансакција“.

Новата комбинирана компанија, со повеќе од 400.000 вработени, ќе има вкупен промет од речиси 170 милијарди евра и годишна продажба од 8,7 милиони возила Фиат, Алфа ромео, Крајслер, Цитроен, Џип, Ланчиа, Масерати, Опел, Пежо, Воксол…

Матичната компанија на здружената фирма ќе биде во Холандија, а нејзините акции и натаму ќе бидат на берзите во Париз, Милано и Њујорк.