Со купување на Pro Display XDR мониторот (4.999 односно 5.999 долари) сте завршиле само половина работа. За истиот да биде функционален во целост потребно е да се докупат уште неколку работи. На пример, сталак за кој ќе морате да издвоите дополнителни 1000 долари или пак VESA адаптер за да го закачите мониторот на ѕид, а кој ќе ве чини 200 долари.

И таман кога сте го купиле наведеното и сте почнале да го користите својот нов монитор, набрзо ќе сфатите дека Apple не вградил веб-камера во исклучително скапиот екран. За среќа, тука е Logitech, па за веб-камерата нема да биде потребно да се издвои голема сума пари, за да можете со деловните партнери, пријатели и семејството да комуницирате преку видео повици.

Камерата на Logitech го носи името 4K PRO MAGNETIC. Камерата се прицврстува на мониторот со помош на магнети кои го олеснуваат вградувањето, но и подоцна отстранувањето кога ќе дојде време за бришењето прашина. Магнетот е доволно силен, па камерата нема да испадне кога мониторот ќе се изротира во Пивот позиција.

Камерата поддржува 4K резолуција при 30 fps, а за поголем број фрејмови потребно е да се намали резолуцијата, за 60 fps на 1.920 x 1.080 пиксели, а за до 90 fps на 1.270 x 720 пиксели. Благодарение на технологиите RightLight 3 и HDR камера, автоматски се прилагодува осветлувањето зависно од јачината на светлото во просторијата. За корисниците кои не се љубители на автоматизација, Logitech ја подготви и Camera апликацијата, која овозможува произволно подесување на поставките.

Камерата има и два микрофона и поддршка за поништување на вревата од околината. Тука е и автоматскиот фокус и 5X дигитален зум (при FHD резолуција). Производителот наведува и дека камерата е компатибилна со популарните апликации за видео повици Zoom, FaceTime и Skype.

Димензиите на камерата се 35 x 101 x 27 милиметри, а масата изнесува 90,2 грама. Деталните спецификации се достапни на страниците на производителот. Камерата пристигнува во продажба на почетокот на 2020. година по цена од 199,99 долари.