Несомнено е дека пред автомобилската индустрија и патниот промет се наоѓаат големи предизвици и големи трансформации, како во технолошка смисла за придвижување на возилата, така и кога станува збор за самата употреба на автомобилите.
Популаризацијата на електромобилноста носи нови трендови во однос на дизајнот. Отсуството на класичен простор за моторот и поставувањето на батериите во подот, отвораат нови можности за дизајнирање на самиот облик на автомобилот, а со тоа и надеж дека дизајнерите на автомобили ќе излезат од креативната криза во која се најдоа во овој милениум.
Сепак, она што го носат новите трендови и за што не се зборува толку многу е звукот, или бучавата на погонските мотори. Веќе сега симфонијата на еден V12 или грмењето на расен V8 тешко можете да ја чуете во живо, а во иднина ќе можете да ја слушате само преку звучници. Истото важи и за помалите мотори на фосилни горива кои денес и со звукот ја загадуваат животната средина, особено во урбаните области.
Електричната енергија е скоро нечујна, што на прв поглед е добро, но и проблем поради кој се доаѓа до своевиден парадокс. Заради безбедност, електричните автомобили мора да произведат вештачки звук, почнувајќи од јули годинава. Volkswagen штотуку најави дека ќе го „озвучи“ својот електричен ID.3, првиот „ефтин“ семеен автомобил на електричен погон, а веројатно и сите идни електрични Volkswagen возила.
Е сега, бидејѓи Volkswagen сака да стане светски лидер во електрификацијата, ова прашање станува многу важно. Системот за вештачки звук Acoustic Vehicle Alerting System (AVAS) ќе се користи до брзина од 30 km/h и при движење во рикверц, за да се намали ризикот од удар на пешак или велосипедист.
Звукот на Volkswagen е создаден во соработка со композиторот и музички продуцент Лесли Мандоки. Слушнете и сами како звучи.
Извор: Додај Гас
Поврзани артикли