Netflix има толку многу корисници низ светот што секоја промена, па дури и најмалата, може да предизвика неочекувани ефекти. Промените се, секако бројни, а со нив еволуираат и навиките за гледање на корисниците.

Затоа интересна е опцијата која им овозможува на корисниците да поминат што помалку време во пребарување на содржини и веднаш да се нурнат во програмата и да го скратат бескрајното скролање. Во теорија, ова би требало да ја зголеми гледаноста, а се работи за новата опција Watch Now, коja само го скратува патот до дестинацијата за гледање.

Така, корисниците на Netflix наскоро ќе добијат функција, со која автоматски ќе стартува епизода од серијата која некој корисникот ја следи, или нешто што алгоритмите решиле дека одговара на вкусот за гледање на корисникот. Корисниците ќе бидат информирани за тоа зошто им се пушта некоја програма, но опцијата и натаму потсетува на обичната телевизија, каде корисникот го гледа она што му се нуди.

Netflix постојано експериментира со нови опции, а во многу домови веќе целосно ја замени телевизијата. Со Watch Now, би можел уште повеќе да се доближи до тоа, и на корисниците да им ја донесе онаа радост која може да се почувствува само кога на телевизија ќе се „улови“ некој омилен филм.