Најстариот активен нуклеарен реактор во Европа, швајцарскиот „Безнау“, идната недела полни 50 години. Активистите сметаат дека тоа е предолг животен век и бараат негово гаснење.
Нуклеарката во северниот кантон Аргау почнала со работа на 9 декември 1969 година, во времето кога членовите на „Битлси“ сè уште беа заедно, а човекот само што стапна на Месечината.
50 години подоцна, на светлосиниот ѕид на зградата во кој се наоѓа реакторот 1, на германски пишува: „Годишнина 1969 – 2019 година – 355.000 часа работа“.
„Безнау 1“ е третиот најстар активен нуклеарен реактор во светот. Пред него се само два реактори во Тарапур на западот на Индија, кои почнале со работа во октомври 1969 година, стои во податоците на Меѓународната агенција за атомска енергија.
– Привилегија е да се работи тука – истакна Мајл Дост, директор на електраната со која управува швајцарската компанија „Акспо“.
Тој нагласува дека е горд што работи во толку продуктивен споменик од индустриската историја. Двата реактора на „Беснау“ произведуваат околу 6.000 гигавати-часа на ден, двојно повеќе отколку што троши струја Цирих, најголемиот швајцарски град.
Дост смета дека „Безнау“ сè уште не треба да оди во пензија.
Нова опрема
– Тука се направени многу промени. Компонентите се модифицирани и изградена е нова опрема за исполнување на сите технички услови за нуклеарните централи – вели Дост.
Швајцарскиот инспекторат за нуклеарна безбедност потврди дека „Безнау 1“ ги задоволува сите прописи.
Но, критичарите тврдат дека реновацијата не може да ја надомести староста на реакторот.
– Прифаќам дека се вложени големи средства во електраната, но не можете со безбедносни надградби да трансформирате „фолксваген буба“ во „тесла“ – предупредува Флоријан Касел, експерт за нуклеарна енергија од швајцарскиот „Гринпис“.
Каслер потсетува дека последниот пат кога електраната била затворена поради ремонт, помеѓу 2015 и 2017 година, биле откриени дефекти.
Извор: Index.hr