Amazon претстави „паметна“ клавијатура, на експертите им звучи ужасно (ВИДЕО)

Amazon ја претстави својата музичка тастатура (клавијатура) со вграден композитор кој работи со помош на вештачка интелигенција (АИ). „AWS DeepComposer“ е двеоктавна тастатура со 32 клавиши и може да се поврзе со компјутер преку УСБ-кабел.

Корисниците можат да свират кратки мелодии или да користат однапред снимени и да побараат од тастатурата да ги „украси“ во еден од четирите стила: џез, класик, рок или поп. Потоа можат да ја објават мелодијата на „Саундклауд“.

Портпаролот на Amazon истакна дека уредот е наменет за програмери како забавен и привлечен начин за стекнување нови вештини.

Професорот Ник Колинс, експерт за музичка вештачка интелигенција од Универзитетот во Дарем, призна дека е тешко да се процени квалитетот на тастатурата врз основа на еден пример кој Amazon го стави на својот блог.

– Ако морам да судам само врз основа на она што се наоѓа на таа страница, воопшто не бев импресиониран. Тоа е ужасно. Музичар со основни способности за секвенцирање лесно би можел да направи подобри примери – вели тој.

„DeepComposer“ користи облик на АИ длабоко учење кој се нарекува „generative adversarial network“, кој користи една невронска мрежа за генерирање содржини, а друга за проверка на квалитетот. Таквите системи се користат, на пример, да смислат нови нивоа на класични видеоигри или да изменат фотографии за да личат, на пример, на сликите на Ван Гог.

Клавијатурата на Amazon за почеток ќе биде достапна само во САД и ќе чини 99 долари.

Извор: Nezavisne.com