Апликацијата има нови опции за гласовни повици и за приватност.
Ако го користите WhatsApp, често разговарате, односно користите гласовни повици и имате iOS верзија на апликацијата, имаме убави вести за вас.
Апликацијата за iOS воведува доста новитети во своето функционирање, почнувајќи од 26. ноември. Ажурирањето и некои од новите опции веќе се достапни и во Македонија и регионот.
Најважна новост е дека WhatsApp отсега поддржува повик на чекање. И како и кај обичните повици, додека сте на врска со еден или повеќе соговорници во рамките на гласовниот повик и ви стигне друг повик, ќе имате прилика да го отфрлите или да го прекинете активниот и да го преземете дојдовниот повик.
Значајна нвост е и тоа што сега имате можност да им дозволите на одредени лица, односно контакти да ве додаваат во групи или да им ја исклучите таа опција на сите во целост, за никој да не може да ве додаде во некоја група без ваше претходно одобрување. За да го одредите ова, следете ја патеката на следниот начин: Settings >Account >Privacy>Groups.
Нова опција е и Chats screen, која овозможува брзо и лесно да пролетате низ последните пристигнати пораки, а додадена е и опцијата за користење на Брајова тастатура, кога iPhone и системот се наоѓаат во VoiceOver мод.
Новите опции се достапни по ажурирањето на апликацијата во AppStore, но зависат од серверите, односно во кое време е вашата апликација предвидена за добивање на сите овие опции, па немојте да се изненадите, ако и по надградбата, некои опции не бидат веднаш достапни. Бидете стрпливи, секако пристигнуваат!