На семафорите и светлата на раскрсниците во Лас Вегас се поставуваат камери и сензори кои ќе го следат сообраќајот, а овие информации ќе бидат анализирани од вештачка интелигенција и ќе се користат во иднина за подобро управување со сообраќајот и семафорите
Желбата на првите луѓе на Лас Вегас е оваа коцкарска мека да ја претворат во паметен град, на чии улици и инфраструктурата ќе ставаат камери и сензори што треба да го намалат сообраќајниот метеж, потрошувачката на енергија, да им обезбедат на граѓаните нови и побрзи услуги, итн. Првиот чекор кој го преземале е да овозможат инфраструктура како семафори и раскрсници со камери и сензори за следење на сообраќајот.
„Сè уште сме во фаза на развој и тестирање, но размислуваме да ја подобриме ефикасноста до 40 проценти, што значи дека луѓето нема да поминат толку многу време на црвени светла“, вели директорот за информатичка технологија во Лас Вегас, Мајкл Шервуд, за Вол Стрит Журнал. Благодарение на податоците и нивната анализа, целта на Шервуд е да се создадат паметни раскрсници кои, поттикнати од вештачка интелигенција, ќе можат сами да ги идентификуваат и да одговорат на сообраќајните ситуации, без никакво влијание од луѓето.
Таквиот модел ќе биде особено корисен во иднина, кога се очекува автономните автомобили да излезат на патиштата, како и возилата кои ќе комуницираат едни со други. Покрај тоа, тие ќе комуницираат со инфраструктурата, така што секогаш ќе знаат со која брзина треба да возат за да избегнат сообраќаен метеж и да не се чека на семафорите.