Таинствена стартап-компанија, која е поддржна од Бил Гејтс, направи неверојатен пробив во областа на сончевата енергија што може да помогне во зачувување на нашата планета.
Компанијата „Хелиоген“, досега не многу позната во јавноста, која се занимава со чиста енергија, во вторникот објави дека открила начин преку кој со помош на вештачка интелигенција и мноштво огледала може да се собере голема количина сончева енергија, која создава електрична топлина над 1.000 Целзиусови степени.
Компанијата всушност креирала соларна печка каде може да се достигне температура која изнесува приближно една четвртина од онаа на површината на Сонцето, пишува Си-ен-ен, а пренесува „Индекс“.
За првпат успешно е концентрирана толкава сончева енергија за таа да може да се употребува при изработка на цемент, челик, стакла и други индустриски производи. Со други зборови, сончевата светлина наскоро би можела да ги замени фосилните горива во значаен дел од индустријата и во голема мерка да го намали ослободувањето на штетни гасови.
„Тоа е технологија која е поевтина од фосилните горива и не произведува јаглерод диоксид“, изјавил за Си-ен-ен, Бил Грос, основач и извршен директор на „Хелиоген“.
„Во овој случај навистина зборуваме за пронаоѓање на светиот грал“, додал тој.
Еден од проблемите со сончевата енергија е дека сонцето не секогаш сјае, а индустриските постројки, како оние што произведуваат цемент или челик, имаат постојана потреба од високи температури. „Хелиоген“ тврди дека овој проблем ќе се реши со системи за складирање кои можат да ја зачуваат сончевата енергија за облачни и дождливи денови.