Интегритетот на шифрираните пораки е под знак прашање веќе некое време, а најмногу критики се насочени кон платформата WhatsApp, која веќе закрпи неколку багови, но и натаму се бори со безбедносни проблеми. Најсериозниот сигурносен пропуст е веќе доведен во врска со израелската спајвер компанија NSO, а Facebook, во чија сопственост е платформата, презема и правни мерки против напаѓачите.
По старите напади следуваа и нови, па на 14. ноември се појави уште едно предупредување во врска со специјално креираните MP4 фајлови. Не се достапни многу информации за природата на нападот, но предупредувањето укажува на сериозноста на новите малициозни фајлови, кои на погодените уреди имплементираат малвер, што овозможува преземање на контрола над системите и прислушување на жртвите.
Според соопштението на Facebook, новиот малвер ги погодува следниве верзии на WhatsApp: Android верзиите пред 2.19.274, iOS верзии пред 2.19.100, Enterprise Client верзии пред 2.25.3, Windows Phone верзии пред и вклучувајќи 2.18.368, Business for Android верзии пред 2.19.104 и Business for iOS верзии пред 2.19.100.