Црвениот Tesla Roadster на Елон Маск беше лансиран во вселената во почетокот на февруари и ако некогаш се судри со Земјата, нема да биде опасност по нашата планета. Ситуацијата е сосема поинаква кога станува збор за Марс.

Автомобилот на Маск моментално орбитира околу Сонцето и мала е веројатноста дека  некогаш ќе се судри со Марс. Дури и да ѝ се доближи на Црвената планета, најверојатно ќе изгори во нејзината атмосфера.

Сепак, научниците од Универзитетот Перду во Индијана сметаат дека црвениот Tesla Roadster е потенцијална „биолошка закана“ за планетата. Дури и најмали делчиња од автомобилот би можеле да го збришат животот на Марс, кога би имало траги на живот на планетата во моментот на сударот.

За разлика од веленските летала приспособени за приземјување на небески тела, автомобилот не беше внимателно стерилизиран пред да биде лансиран.

Со оглед на тоа дека автомобилот беше возен по улици пред да биде качен на ракета и лансиран во вселената, научниците го нарекуваат „најголемиот куп бактерии од Земјата што некогаш стигнал до вселената“.

„Дури и да поминал на радијација од надвор, моторот е валкан. На крајот на краиштата, автомобилите по склопување никогаш не се чисти. Дури и да се, има огромна разлика меѓу чисти и стерилизирани“, вели Џеј Мелош, водач на истражувањето.

Екстремните температури, нискиот притисок и космичката радијација секако ќе уништат дел од бактериите, но некои од нив би можеле да поминат милениуми во хибернација, истакнуваат научниците.

Лиса Прат од одделот за планетарна безбедност на НАСА изјави дека идните мисии ќе се соочат со сличен проблем, со оглед на тоа дека е „практично невозможно да се исполнат условите за стерилизирање на вселенски летала во рамките на комерцијална мисија“.

„Ќе мора да најдеме некакво решение за во иднина ниту еден друг Roadster да не заврши во орбитата“, рече таа за „Space News“.