Терапијата со светло директно во телото би го олеснило лечењето на туморите и ракот на чувствителните органи како што се мозокот и панкреасот.
Јапoнски научници смислија уред кој може да се вгради во телото и притоа да помогне во уништувањето на голем број клетки на туморите. Фотодинамичната терапија, која веќе се користи за лечење одредени видови рак, се базира на користење светлина за убивање на клетките. Докторите емитуваат светлина со висок интензитет и одредена боја на зафатените ткива и така ги уништуваат клетките на ракот.
Проблем може да настане ако туморот се наоѓа во орган кој се движи, затоа што може да дојде до нерамномерно осветлување, односно тешко се контролира дозата. Ако е премногу мала, третманот нема да даде резултати, а ако е преголема, може да оштети здраво ткиво.
Тошинори Фуџи и неговите колеги од Универзитетот Васеда во Јапонија развија уред кој може да го усоврши овој метод и треба да се вгради во телото. Се состои од LED чипови кои се напојуваат со NFC, истата технологија која се користи за бесконтактно плаќање, за да нема потреба во телото да се вградуваат батерии.
Кога тимот го ставил уредот под кожата на глувци кои имале тумори, на местото го прицврстиле со наноплочи. Така можеле да ги осветлуваат туморите до 10 дена, користејќи светло 100 пати послабо отколку во фотодинамичната терапија.
Глувците добивале лек „фотофрин“, кој ги правел клетките поосетливи на светлина, а потоа примале терапија со црвено или зелено светло. Растот на туморите значително се намалил кај глувците кои добивале терапија со црвено светло, а уште поголем бил ефектот кај глувците кои биле осветлувани со зелена светлина.
Фуџи вели дека уредот може да биде особено корисен за лечење рак кај осетливи органи како што е мозокот, каде што радиотерапијата и операцијата се ризични.