Една од предностите кои ги имаме наспрема роботите е тоа што раните ни зараснуваат сами. Кога ќе се боцнеме или ќе се пресечеме на нешто, доколку не е преголема повреда, кожата по некое време самата ќе заздрави и најчесто нема ни да остане белег.
Кај кожата на таканаречените меки роботи, кои се развиваат со цел да им помагаат на луѓето во работата и да се грижат за стари и немоќни лица, тоа не е исто. Секоја „рана“ кај нив останува додека не се поправи. Научници од Универзитетот VUB (Vrije Universiteit Brussel) произведоа нов вид „кожа“.
Таа е инспирирана од мекото човечко ткиво и е направена од еластични материјали, па роботите можат внимателно да фаќаат храна, предмети, животни. Токму затоа може да се користат во области како протетика, прехранбена индустрија и хирургија. Сега научниците создаоа кожа која се регенерира.
Кожата е направена од гумирани полимери и има својство да се враќа во првобитната состојба. Кога во лабораториски услови ја сечеле или боделе со нож, повредата сама се санирала без никакви траги, а по „лекувањето“ прототиповите без никакви проблеми можеле повторно да ракуваат со осетливи предмети.