Бил Гејтс неодамна изјави дека денес сите би користеле Windows Mobile доколку Microsoft не се најдеше среде истрага за трустови од министерството за правда на САД.

– Не постои сомневање дека тужбата за трустови беше лоша за Microsoft и ние ќе бевме пофокусирани на создавање оперативен систем за телефони, па така наместо да користите Android, вие ќе користевте Windows Mobile. Ако не беше случајот со трустовите… бевме толку блиску, едноставно бев многу расеан. Затоа ја направив таа пресудна грешка.

Преминувањето на Microsoft од Windows Mobile на Windows Phone му овозможи на Android да завладее со пазарот, но тоа не е сè – компанијата дури ја пропуштила и можноста да направи свој оперативен систем на атрактивен и клучен уред од Motorola.

– Доцневме три месеци – да стигневме навреме Motorola би го користела нашиот систем, а во оваа ситуација победникот земаше сè. Сега, никој никогаш не слушнал за Windows Mobile, но во ред. Во игра беа само стотина милијарди долари – вели тој.

Никому не му е јасно за кој моторола-уред зборува Гејтс, но вреди да се напомене дека компанијата пред десет години ја лансира серијата уреди Droid со оперативен систем Android и тие беа вистински хит. Motorola е една од главните причини што Android стана популарен и што Windows Mobile пропадна.