Samsung не е единствената компанијата кога го одложи претставувањето на флексибилниот телефон. Нив им се придружи и Huawei, кој на конференцијата за печат одржана во седиштето на компанијата, објави дека Mate X преклопниот смартфон најверојатно нема да биде претставен пред ноември оваа година.

Ова е веќе второ одложување, бидејќи првите најави укажуваа дека овој флексибилен уред ќе биде пуштен во продажба кон средината на 2019. година. Набрзо откако беа активирани американските санкции кон Huawei, компанијата го помести датумот на лансирање на Mate X за септември.

Mate X се смета за уред кој ќе ги помести границите во мобилната телефонија. Огромниот екран од 8 инчи се преклопува од надворешната страна, а кога е склопен предната страна обезбедува дијагонала од 6,38 инчи. На тој начин е направена идеална комбинација помеѓу телефон и таблет.

Причините за одложувањето не се објавени официјално. Huawei немаше големи грешки во дизајнот, но секако се очекуваат некои измени во однос на рендерите кои можевме да ги видиме во текот на оваа година. Можеби најголемиот потенцијален проблем лежи во самиот екран, бидејќи тој се наоѓа од надворешната страна на преклопениот телефон. Тоа го прави изложен на потенцијални оштетувања. Заштита за екранот постои, но таа моментно е пластична. Corning, производителот на Gorilla Glass заштита објави дека активно работи на развој на свитливо заштитно стакло, но дека ќе поминат години пред тоа да се појави на пазарот.