Micosoft почна со испорака на HoloLens 2 до купувачите. Втората верзија на нивните AR очила носи некои сериозни подобрувања во однос на оригиналниот HoloLens. Меѓу нив се двојно поголемото поле на покриеност, поголема резолуција, следење на погледот и поудобен дизајн. Сепак, со цена од 3.500 долари, јасно е дека овие очила првенствено ги таргетираат деловните корисници.

При развојот на овие очила, Microsoft ги зеде во предвид мислењата на своите корисници. Компанијата ги сподели прототипите на овие очила со своите клиенти, од кои добија вредни повратни информации. Верзијата подготвена за продажба верзија не е многу различна од прототипот, но секој добиен коментар бил темелно разгледан.

Додека првите HoloLens очила беа еден вид експеримент кој покажа што може да донесе AR, HoloLens 2 е многу подобро прилагоден за деловните корисници, со цел да бидат попродуктивни. Во изминатите години, овие очила пронајдоа примена во архитектурата, далечинската помош, машинскиот инженеринг … и сега овие работни места ќе бидат дополнително олеснети.

Втората верзија на уредот е многу поудобна за носење благодарение на прецизно распоредените перничиња. Неговата рамнотежа сега е префрлена малку наназад, така што веќе не притиска толку многу на носот на корисникот како кај претходниот модел. Тоа е можеби и најважната разлика во однос на оригиналот, бидејќи ќе им овозможи на корисниците да го користат подолго време без проблеми и без стрес.