Синестезијата е ретка состојба каде сетилата се мешаат, па некои можат да „слушнат“ бои, а други да ги вкусат зборовите. Овој невролошки феномен сега може да се постигне со некои современи помагала, како вештачката интелигенција која резултатите од едно сетило ги преведува во друго.

Се работи за проект на белгискиот експерт за машинско учење, Ксандер Стенбруж, кој работи на нервна мрежа која  ја преведува музиката во неверојатни визуелни претстави. Проектот беше именуван Neural Synesthesia, а функционира со помош на систем на машинско учење, кој новите податоци ги генерира врз основа на оние кои ги добил во пакетот за  тренирање. Така е создаден целосно нов пристап во аудио-визуелното искуство, во кој човекот не креира визуелни претстави, туку само асистира додека вештачката интелигенција ги извршува дејствата.

Алгоритмите за вештачка интелигенција најпрвин се тренираа со помош на сет базични фотографии, а потоа моделот се обучува за да може да го копира стилот од понудените слики. По тренингот, системот добива слобода да ги менува и искривува визуелните претстави, врз основа на параметрите кои ги добива од Стенбруж. Значи, за конечниот резултат не е заслужна само вештачката интелигенција, туку како што истакнува креаторот, се работи за соработка помеѓу машината и човекот. Резултатите говорат сами за себе.