Huawei својот најнов премиум модел на телефони со висок квалитет – Mate 30 Pro, официјално го претстави уште во втората половина на септември, но продажбата на уредот во Европа сè уште не е започната.
Главната причина за ова е секако неможноста да се добие Google сертификат за користење на Play услугите, поради забраната на американски компании да работат со Huawei која ја воведе американскиот претседател Доналд Трамп.
Меѓутоа, ако се верува на најновите гласини од Кина, Huawei Mate 30 Pro на крајот би требало да се појави на европскиот пазар.
Колку продажбата ќе биде успешна, тешко е да се каже во овој момент, особено ако ситуацијата со трговската војна продолжи и уредите се испорачуваат без Google услуги.
Во последните неколку недели, американската администрација објави (делумно) укинување на забраната со Huawei за одредени американски компании. Сепак, сè уште не е познато дали на тој список се наоѓа и Google.
Во секој случај, кога на пазарот ќе се појави „обичниот“ Huawei Mate 30 би требало да се продава по цена од 799 долари, Mate 30 Pro по цена од 1.099 долари, додека верзијата 5G би требало да биде за околу 100 евра поскапа од Pro моделот.