Руските власти овозможија правни опции за исклучување на интернетот во земјата, откако, со потписот на Путин, контроверзниот закон стапи на сила.
Владата има намера да создаде инфраструктура за „суверен“ интернет, кој го претстави како неопходност за одбрана од надворешни сајбер-напади.
Критичарите сметаат дека мерката е чекор кон поголема цензура.
„Државата сега за прв пат има целосна техничка контрола над интернетот“, рече за ДПА рускиот кибернетичар, Александар Исавнин, од непрофитната организација против цензура „Роскомсвобода“.
Додека претходно интернет-провајдерите работеа под услови на слободен пазар, сега државата може да врши директна контрола, вели Исавнин.
Рускиот интернет сообраќај ќе се пренесува преку центри во земјата, чија инфраструктура допрва треба да се изгради. Интернет-провајдерите мора да инсталираат опрема неопходна за успешна транзиција.
Бројни веб-страници на опозицијата веќе се блокирани во Русија, пренесува хрватски „Индекс“. Илјадници луѓе протестираа против законот што во мај го потпиша претседателот Владимир Путин.
Дмитриј Песков, портпарол на Путин, тврди дека Русија не сака да се исклучи од интернет, туку се подготвува за можноста Западот да ја исклучи, при што ќе има своја внатрешна мережа која веќе се нарекува „Рунет“.
Поврзани артикли