Xiaomi следната недела ќе ги претстави Mi CC9 Pro и Mi Note 10, а покрај телефоните се очекува и објава на Mi Watch и Mi TV 5 уредите. Кинеската компанија сега навестува некои карактеристики на паметниот часовник и телевизорот.
Носечкиот уред претставува речиси идентична копија на моментно најпродаваниот паметен часовник во светот, Apple Watch, со својот квадратест екран и едно копче од горниот десен агол, додека телевизорот се рекламира со поддршка за NTSC гамут на бои од 108 проценти и 4K quantum-dot технологија.
Извршниот директор на Xiaomi го нарекува Mi Watch „паметен часовник за зглобот на корисникот“, со оглед на тоа дека ќе има поддршка за Wi-Fi, GPS, NFC, како и соодветен чипсет од Qualcomm. Исто така, ова е првпат Xiaomi да објавува паметен часовник на рамките на своето Mi брендирање.
Mi Watch ќе биде достапен во црна и сребрена боја, а би требало да биде многу поприфатлива замена за Apple Watch, кој во моментов се продава по цена од 399 долари.