Компанијата Realme оваа година привлече внимание со серија евтини уреди, а сега го претстави својот прв паметен телефон кој навистина му припаѓа на самиот врв.
Се работи за паметниот телефон Realme X2 Pro, кој го доби најбрзиот постоечки процесор на Qualcomm – Snapdragon 855 Plus, 6,5 инчен OLED дисплеј со интегриран сензор за отпечатоци од прсти и стапка на освежување од 90Hz.
Дизајнот не е нешто што посебно привлекува внимание, но не е ни лош. На екранот е присутен засек во облик на капка, а во долниот дел има малку подебела рамка во однос на останатите. Realme се определи за стаклен заден панел кој е поудобен за допир отколку пластичниот панел.
И покрај рамките, X2 Pro поседува стерео звучници кои имаат прилично добар звук.
На задната страна е сместена 64MP камера на Samsung, како и телефото камера од 13MP и ултра широк сензор од 8 мегапиксели. Исто така, постои и 2MP макро камера. Од предната страна е поставена селфи камера од 16 MP.
Realme X2 Pro пристигнува со 6, 8 или 12 GB RAM меморија и 64, 128, или 256 GB простор за складирање, а цените изнесуваат 380, 410 и 465 долари.
X2 Pro може брзо да се наполни (50W), благодарение на Super VOOC технологијата на Oppo, а до капацитет од 80 проценти се полни за половина час.
Паметниот телефон е достапен за купувачите во Кина и Европа, додека во декември ќе пристигне во Индија.