Во најголемиот дел од последните два века, животниот век се продолжувал со забрзано и постојано темпо.
Во текот на 40-те години на 19. век луѓето живееле малку подолго од 40 години, а потоа, на почетокот од 20 век, во текот на викторијанскиот период, подобрата исхрана, хигиената, условите за живот и развојот на санитарен систем придонеле за продолжен животен век до 60 години.
Како што поминувал 20. век, со исклучок на воените години, имало напредок во воведувањето на општата здравствена заштита и вакцинација на децата.
Нов напредок бил реализиран во 70-тите години од минатиот век благодарение на здравствените постигнувања во начинот на лекување, особено на пациентите што доживеале мозочен и срцев удар.
Тие крупни чекори биле толку значајни што до почетокот на 21 век очекуваниот животен век при раѓање изнесувал 80 години за жените и 75 за мажите. Трендот продолжил на начин што демографите на секои четири години додавале по една година на животот на луѓето. Но, потоа трендот одеднаш застанал или поточно нагло забавил, па доживеал пресврт во 2011 година.
На почетокот експертите се прашувале дали станува збор за некаква девијација. 2015 година била исклучок. Бројот на смртни случаи нагло се зголемил, особено во текот на зимата кога светот се соочуваше со силен вид грип.
Но, денес е јасно дека тука се случило и нешто повеќе од краткорочна аномалија. Според најновите податоци од Националното биро за статистика за 2016 до 2018 година, исклучени се последиците од тешката зима. И додека во меѓувреме се случиле мали подобрувања, бројките и понатаму се пониски од порано. Актуелните трендови сугерираат на тоа дека ќе бидат потребни повеќе од 12 години за жителите на Велика Британија да „добијат“ уште една година живот.
Постигната „горната граница“?
Некои научници сметаат дека по толку години напредок, луѓето едноставно стигнале до горната граница на нивниот животен век. Најстарата жива личност во официјалните записи била Французинката Жана Калман, која починала во 123 година, но тоа било пред повеќе од 20 години.
Според резултатите од едно истражување, границата на животниот век на човекот е околу 115 години (доколку се исклучат крајностите како Жана Калман).
Други, пак, го оспоруваат тоа. Еден од нив е и американскиот генетичар Дејвид Синклер, кој ја напишал книгата „Животен век“, а во неа пишува дека со подобрување на гените поврзани со долговечноста луѓето би можеле да живеат подолго од Жана Калман.
Експертот за стареење од англиската Национална канцеларија за статистика, Едвард Морган, смета дека зад овој тренд веројатно се крие сложен спектар на фактори. Вели дека би сакал да го прошири истражувањето.
Англиското Биро за јавно здравје веќе спровело дел од истражувањето. Според едно објаснување, во последните неколку децении немало поголеми медицински и здравствени откритија.
На пример, луѓето не умираат во толкава мера од една болест. И додека сè поголем број луѓе успеале да преживеат срцев и мозочен удар и карцином, зголемен е бројот на смртни случаи поради деменција.
И додека медицинската заедница се обидува да открие на кој начин може да го забави развојот на оваа болест, растот на очекуваниот животен век е запрен.
Институтот за јавно здравје на Англија го проучувал и влијанието на сиромаштијата врз животниот век, а поранешниот советник во Светската здравствена организација, Мајкл Мармонт, верува дека тоа игра одредена улога.