Доколку сакате на интернет да се заборави вашето минато останете во Европа.
Google на глобално ниво нема да мора да го применува европското „право на заборав“, пресуди во вторникот Врховниот суд на Европската унија во случајот во кој се спротиставија личните права на приватноста и слободата на говор.
Победата на американска компанија значи дека и покрај тоа што ќе мора да ги отстрани линковите од резултатите од својот пребарувач во Европа, тоа нема да мора да го направи во остатокот од светот.
Случајот се сметаше како клучно прашање за тоа дали луѓето би можеле да се обидат да ги отстранат информациите за себе од резултатите од пребарувањето без да го ограничат слободниот говор и легитимниот јавен интерес во ера што не знае за граници.
Политичарите и компаниите ширум светот, исто така, сметаат дека е тест дали Европската унија може да ги прошири своите закони и надвор од нејзината територија. Пресудата, која се однесува на сите интернет пребарувачи, е ретка добра вест за големите технолошки компании кои се под интензивна јавна контрола од обете страни на Атлантикот за нивната доминантна позиција и способност да соберат огромни количини на податоци.
Во својата пресуда, Европскиот суд со седиште во Луксембург рече дека правото на заштита на личните податоци не е апсолутно право.
„Балансот помеѓу правото на приватност и заштитата на личните податоци, од една страна, и слободата на информирање на корисниците на интернет, од друга страна, веројатно ќе се разликува значително низ целиот свет“, се додава во одлуката.
Google ја поздрави одлуката, велејќи дека е „добро да се види дека судот се согласи со нашите аргументи“.
Правото да се заборави го прифати и самиот Европски суд на правдата во 2014 година, пресудувајќи дека луѓето имаат право да бараат од пребарувачите како google да отстранат несоодветни или небитни информации од нивните резултати што се појавуваат при пребарување на нивните имиња.
Google вели дека оттогаш примил 845.501 барања за отстранување на линкови и дека отстранил 45 отсто од 3,3 милиони линкови што се бараа да се отстранат.
Случајот, во кој во вторникот Европскиот суд за правда донесе одлука, беше покренат во 2016 година кога францускиот орган за приватност CNIL го казни Google со 100.000 долари поради одбивање да отстрани чувствителни информации. Google понатаму се пожали на француските институции, кои потоа побараа мислење од Европскиот суд на правдата.