Apple ја претстави следната генерација на својот паметен часовник – Apple Watch Series 5. Најновиот модел е многу сличен на минатогодишниот Series 4, со сличен дизајн и големина. Најголема нова функција оваа година е „always on“ дисплејот, нешто што корисниците го бараат уште кога Apple Watch прв пат се појави во 2015. година.

Apple истакнува дека Watch Series 5 ја задржува батеријата која трае 18 часа од претходниот модел, дури и кога екранот е секогаш вклучен, а се благодарение на новиот полисиликон со ниска температура и дисплеј драјверот кој малку троши. Рамките за часовникот се преработени за да ги искористат предностите на новите опции на дисплејот. Екранот ќе има режим за ниско осветлување, се додека корисникот не го посмести зглобот, додека на целосно осветлување ќе се префрли на сличен начин како кај актуелниот модел.

Apple Watch Series 5 пристигнува со куќишта од рециклиран алуминиум, нерѓосувачки челик, керамика и новиот материјал титаниум. Apple истакна дека ова е најголем број на варијанти на материјали, кои некогаш биле достапни за Apple Watch.

Останатите нови функции вклучуваат вграден компас, како и итни повици за меѓународниот пазар. Интересно е дека Apple не ја објави опцијата за следење на спиењето со новиот модел, што е функција која сите ја очекуваа, врз основа на гласините и протечените информации.

Apple Watch Series 5 има цена од 399 долари за GPS моделот и 499 долари за celular верзијата. Паметниот часовник ќе се најде на пазарот од 20. септември, а компанијата го повлекува од продажба минатогодишниот модел Series 4.