Сибирските научници од државниот универзитет во Томск кои работеа на реализација на проектот на Рускиот научен фонд открија во арктичката зона на Јамало-Ненецкиот автономен округ на местата на активно топење на пермафростот оази на високопродуктивни екосистеми, соопштислужбата за односи со јавност на оваа високообразовна установа. Научниците првично ги проучувале подрачјата со зголемена биолошка продуктивност на растителниот свет само во езерата што пресушиле.

„Меѓутоа, наскоро во близина на селото Сејах, откривме земуници меѓу кои имаше плитки езера покриени со бујна вегетација, со максимален принос на трева поголем отколку во исушените езера“, рече постариот научен соработник на универзитетската лабораторија БиоГеоКлим Сергеј Лајко.

Како што се наведува,  подземниот лед бил нарушен кога таму било копано заради експлоатација на песок. Со текот на времето нарушениот пермафрост во процесот на топење почнал да ја снабдува почвата со минерали што се наоѓаат во длабоките слоеви, што ја збогатило почвата. Слојот од мов и лишаи што слегнал и плодната почва придонеле за активен раст на семиња на житарки и зелјести билки што по тундрата ги разнесувале ветерот и животните, а во оазите се појавиле камилица, глуварче, поларен афион, неколку видови пелин, житарки, острики, врби и др.

Научниците покрај тоа се уверени дека локалните оази не се толку застрашувачки како што би можеле да се чини, затоа што арктичката вегетација се формирала под постојано влијание на умерени нарушувања поврзани со фауната на мамутот, а локалната флора е добро прилагодена на тоа. Згора на тоа, откриениот феномен зборува за тоа дека дури и во услови на краток вегетативен период од околу два месеци, може да се добијат богати приноси на трева и грмушки и да се користат за сточна храна, нагласуваат научниците.

Според нив, таквите нарушувања можат да го стимулираат не само ширењето на растителниот свет, туку и да ја диверзифицираат фауната, така што не е исклучено во наредните години во арктичката зона да се појават животни кои обично не живеат во таа област.

Извор: Russia Beyond