Покрај трите нови модели на iPhone, Apple ја објави и седмата генерација на iPad со поголем 10,2-инчен екран и петтата генерација на Apple Watch со секогаш вклучен и подобрен OLED дисплеј
Apple денеска ја претстави 11. генерација на својот најпопуларен уред – iPhone. Како што истакна Извршниот директор, Тим Кук, ова е најдобриот паметен телефон досега, а пристигнува во три верзии.
iPhone 11 е наследник на iPhone XR, а направен е од стакло и алуминиум и доаѓа со променет дизајн на задната страна, поради додадената втора камера. Доаѓа во неколку бои, меѓу кои се новите виолетова и зелена, жолта, црна, бела и црвена. Дисплејот е Liquid Retina со големина од 6,1-инчи.
Камерите се, како што тврдат од Apple, најдобри досега. iPhone прв пат доби широкоаголна задна камера и “обична” камера од 12 мегапиксели. Новиот A13 Bionic процесор овозможува одлични фотографии, како портрет, црно-бели студиски фотографии и напредниот Night mode (ноќен режим).
Видеата ќе можат да се снимаат во 4K резолуција, а со помош на широкоаголната леќа, во кадарот ќе може да се најде речиси се што ќе посакате. Тука се и опциите на новата генерација на HDR, забавена снимка, како и time-lapse опција. Како што беше истакнато, iPhone 11 креира најквалитетни видеа во светот на смартфоните. iPhone 11 ќе може да се преднарача во петок, а ќе биде достапен за продажба од 20 септември, по цена од 699 долари (iPhone XR чинеше 749 долари, а сега е намален на 599 долари).
Покрај iPhone 11, Apple претстави и понапредни поскапи модели, кои ги нарекоа “Pro”. Наследниците на iPhone XS и XS Max ги добија имињата iPhone 11 Pro и iPhone 11 Pro Max. Како и претходно, ќе бидат достапни во две големини на екранот – 5,8 инчи и 6,5 инчи.
Она што, покрај големината, ги краси овие напредни уреди е новиот напреден камера систем со три задни камери, за уште подобри резултати при креирањето фотографии и видеа. Што се однесува до батеријата, таа за неверојатни четири до пет часа трае подолго од батериите кај iPhone Xs моделите.
Достапните задни камери се обичниот Wide сензор од 12 мегапиксели, широкоаголната и Телефото камерата способна за 2X оптички зум. Како што беше истакнато, iPhone 11 Pro и неговиот поголем брат Max фаќаат сцени, креирајќи една фотографија со спојување на дури девет фотографии.
iPhone 11 Pro и Pro Max, исто така, доаѓаат во нова боја – Midnight зелена, покрај стандардните вселенско сива, сребрена и златна. Уредите ќе бидат достапни за купување од 20. септември, по цена од 999 долари за iPhone 11 Pro и 1099 долари за iPhone 11 Pro Max.
Покрај новите iPhone модели, Apple ја претстави и седмата генерација на iPad. Најдостапниот модел на iPad и натаму чини 329 долари, но сега има поголем и посветол 10,2-инчен екран (големината досега беше 9,7-инчи), побрз A10 Fusion процесор, а сега поддржува и смарт тастатура и Apple Pencil.