Huawei ги обвини САД за сајбер напади и закани на вработени

Кинескиот технолошки гигант Huawei ја обвини американската администрација дека ги користи „сите алатки кои и се на располагање“ за да предизвика нарушување на нивното работење, по известувањата на американските медиуми дека против таа компанија е почната истрага поради сомнение за кражба на патенти.

„САД незаконски задржуваа наши вработени, изведуваат кибер напади за да се инфилтрираат во интерните информатички системи на Huawei и испраќаат припадници на ФБИ во домовите на нашите работници за да им извршат притисок и од нив да соберат информации“, се наведува во соопштение од кинеската фирма, пренесува Хина.

“Силно ги осудуваме злонамерните, координирани настојувања на американската Влада да го дискредитира Huawei и да ја ограничи неговата водечка позиција во секторот“, се наведува во соопштението од гигантот, но не посочуваат докази со кои би се поткрепиле обвинувањата.

Соопштението од Huawei е реакција на написот во американскиот весник „Волстрит џурнал“, во кој се посочува дека американското министерство за правда почнало истрага против кинеската фирма поради сомнение дека украла патенти за фотоапарати за паметни телефони.

Во кинеската компанијата ги негираат обвинувањата.

Вашингтон го обвинува Хуавеј за шпионажа во корист на Пекинг и оваа година го стави на трговската црна листа, забранувајќи им на домашните компании да соработуваат со таа кинеска фирма. Воедно, тие бараат од сојузниците да го исклучат Huawei од јавните набавки поврзани со воспоставување мобилни мрежи за новата генерација 5G. Huawei демантира и тврди дека е независен од властите во Пекинг.