ИАБ Македонија, асоцијацијата која ги обединува интернет порталите, агенциите и огласувачите од земјава, во четврток (05.09.2019), со почеток од 18:30 часот во хотел DoubleTree By Hilton организира отворена панел дискусија на тема “Перспективи на развојот на дигиталниот пазар во Македонија“.
Панел дискусијата е од отворен карактер и на неа се поканети да присуствуваат претставници на интернет медиуми, компании, агенции и стручната јавност. Заради ограничениот капацитет, потребно е претходно бесплатно да се регистрирате како посетител на следниов ЛИНК.
Целта е да се дискутираат актуелните теми и предизвици поврзани со понатамошниот развој на македонскиот дигитален пазар, зголемување на интернет огласувањето, развојот на нови интерактивни формати на огласување, саморегулацијата на интернет медиумите, регистарот на онлајн портали што го прифаќаат Етичкиот Кодекс на ИАБ и останатите аспекти во релацијата огласувачи-медиуми-институции.
Од панелот треба да произлезе Акциски план како сите засегнати страни би се координирале во насока на дополнително унапредување на дигиталниот пазар и што е она што е потребно институциите да преземат за да го поддржат овој процес.
Interactive Advertising Bureau (IAB) е најрелевантна светска организација за унапредување на дигиталниот маркетинг. Основана е 1996 во Њујорк, а во моментов има 43 ИАБ лиценцирани канцеларии кои работат во земји ширум светот и една регионална IAB канцеларија во Европа.
Здружението ИАБ во Македонија постои од 2012 година и во него членуваат голем број на маркетинг агенции, медиуми и компании кои се залагаат за развој на дигиталниот и интерактивниот маркетинг во земјата.
ИАБ Македонија во моментов работи на повеќе проекти за развој на дигиталниот пазар, меѓу кои и Етички Кодекс на саморегулација, база на издавачи што го прифаќаат и воспоставување на официјален систем за мерење на интернет издавачите.
Поврзани артикли