Apple поднесе барање за патент во Канцеларијата за патенти и трговски марки на САД, во кој се опишува паметен часовник со поддршка на мрежите од петта генерација (5G), пренесува порталот Venture Beat.

Според документот, паметниот часовник може да пренесува податоци на компјутер, паметен телефон и други уреди преку IEEE 802.11ad или 5G комуникациски протоколи. Антените ќе бидат лоцирани или на страната на новиот Apple Watch или под неговиот екран. Bluetooth и Wi-Fi поддршка се исто така достапни.

Ваквото позиционирање на антени ќе овозможи испраќање на радио сигнали не до зглобот на корисникот, туку нагоре, што ќе обезбеди побрз трансфер на податоци. Во комбинација со додадени очила за реалност, паметниот часовник со 5G може целосно да го замени паметниот телефон, сметаат од изданието.

Апликација за патент не значи и дека таков уред ќе се најде на пазарот во блиска иднина. Сепак, тоа покажува дека Apple е сериозен во врска со можностите и перспективите на новиот 5G комуникациски стандард.