Honor претстави Gamepad за паметни телефони

Gamescom 2019 е во тек, а еден од изложувачите е и Honor. Кинеската компанија го искористи саемот за да го претстави додатокот за паметни телефони – Gamepad.

Како што открива самото име, се работи за додаток кој на мобилните гејмери ќе им го олесни гејмингот на паметните телефони, овозможувајќи им наместо со чукање по екранот, со игрите да управуваат преку копчиња и аналоген контролер (џојстик).

Иако Gamepad доаѓа од фабриката на Honor, истиот не е врзан исклучиво за нивните телефони, ниту за мобилните уреди на Huawei. Gamepad може да се користи и на мобилните телефони од други производители. Дизајнот е прилично едноставен, се спојува преку Bluetooth и се состои од шест копчиња (четири главни и две дополнителни) и еден аналоген контролер. Gamepad може да се приклучи од левата или десната страна на телефонот, зависно од желбата на играчот.

Honor во текот на претставувањето наведе дека 18 проценти од нивните корисници се изјаснуваат како гејмери, па тоа е и една од причините зошто одлучиле да креираат Gamepad. Овој интересен додаток е компатибилен со поголем дел од достапните гејмерски наслови, а поддржува и реконфигурација на копчињата, доколку за тоа се покаже потреба.

За во текот на користење да не ја троши батеријата на уредот на кој е споен, Honor му додаде и сопствена батерија од 400 mAh. Еднаш кога ќе се испразни Gamepad, може да продолжи да се користи повеќе, под услов да се користи на уредите од понов датум. Имено, за полнење на батеријата користи USB-C порт, кој го нема на постарите уреди. Во продавниците би требало да се појави до крајот на годината, по засега непозната цена.